Почитувана јавност, после завршувањето на квалификацискиот период за маратон кој траеше до 30 Април, Светска Атлетика заедно со Интернационалниот олимписки комитет на 8 мај ја објави финалната листа за пријава на маратон каде се најде и нашиот атлетичар Дарио Ивановски.
Рокот за пријава за неквалификувани атлетичари во дисциплината маратон беше 1 Мај и со тоа Атлетската Федерација на Македонија ја изврши својата должност како свој најдобар атлетичар со остварен најдобар резултат по ИААФ бодови на Маратон, а воопшто и од сите дисциплини како неквалификуван атлетичар го пријави Дарио Ивановски.
За да не дојде до дополнителни забуни, би сакале да ја објасниме процедурата за стекнување за право на настап на летните Олимписки Игри во Париз.
Постојат три начини за стекнување за право на настап, а тоа се следните:
(Исто така да напоменеме дека квотата за маратон е 80 натпреварувачи, секоја дисциплина си има посебно одредена квота на број на атлетичари)
1. Стекнување на право за настап преку остварена норма
– Нормата за маратон во машка конкуренција е 2:08.10, и неа ја остварија 70 атлетичари од светот.
(Дарио се доближи на само 16 секунди од нормата)
2. Стекнување на право за настап преку ранкинг системот на Светска Атлетка
– За стекнување на пласман во ранкинг системот се собираат 2 најдобри остварени резултати во дисциплината маратон. Дарио Ивановски заврши на 87-то место на ранкинг листата и со тоа не успеа да влезе во квотата од 80 атлетичари.
3. Стекнување на право за настап преку доделување на “Универзални Места” односно “Вајлд Карта“ за државите кои немаат атлетичари со остварена норма или ранкинг.
Бидејќи Атлетската Федерација на Македонија до овој момент нема квалификуван атлетичар со остварен критериум од погорните два начини, од страна на техничкиот делегат беше доделена “Вајлд Карта“ за Дарио Ивановски за дисциплината маратон, односно со објавувањето на финалната листа, Дарио има загарантирано место во дисциплината маратон (ни еден друг атлетичар од друга држава не може да го замени).
Вреди да се напомене дека иако настапот на Дарио Ивановски во Париз е и повеќе од заслужен, квалификацискиот период се уште е во тек, односно трае до 30-ти Јуни и во случај на остварена норма или ранкинг од страна на некој друг атлетичар од нашата репрезентација, важноста на вајлд картата престанува да важи.
Финалните листи за сите квалификувани и неквалификувани атлетичари кои ќе настапат на Олимписките игри во Париз ќе биде објавена после завршувањето на квалификацискиот период на 2 јули.
До тогаш им посакуваме среќа и успех на оние атлетичари од нашата репрезентација кои се уште се борат да исполнат критериум за настап на Олимписките Игри во Париз.